Brave најавија, односно може да се каже и дека гордо објавија, тргање на последните делови на зависност од другите интернет пребарувачи со што имаат постигнато 100% независност на нивниот Brave Search. Со тоа ти истакнуваат дека сега имаат вистинска алтернатива на големите компании во интернет пребарувањето.
Од компанијата интересно не пропуштија да ја искритикуваат својата конкуренција, како што се DuckDuckGo, кои функционираат со помош на големите компании, истакнувајќи се себе како вистинска алтернатива на Google и Bing.
Процентот со кој Bing има „учествувано“ во резултатите кои се добиваат при пребарување преку Brave Search бил 7%, што значи дека независноста и досега била на високо ниво. Истата изнесувала 87% во 2021 година.
Покрај плановите да се користи сопственото индексирање целосно, како причина сега да се прекине со користењето на Bing е зголемувањето на цената од страна на Microsoft за користење на API алатката, односно користењето на резултатите од овој пребарувач кај други пребарувачи.
Од Brave поскапувањето го нарекуваат без преседан, а истото се има случено како резултат на порастот на популарноста на Bing по интегрирањето на вештачката интелигенција, односно соработката со OpenAI.
Како една од главните предности на Brave Search се истакнува приватноста на корисниците, а по ова е познат и интернет прелистувачот Brave кој го користат доста голем број на корисници, како една од најдобрите алтернативи на големите.
Brave Search наводно има доста голем успех и се повеќе корисниците го користат, а од компанијата истакнуваат дека тие имаат 22 милиони пребарувања на ден.
Овој пребарувач беше пуштен во 2021 година, а минатата година ја тргна својата бета ознака и им стана официјално достапен на сите корисници.
Од компанијата истакнуваат дека колку повеќе се користи Brave Search, тој толку подобар станува, а корисниците можат да ја користат и Web Discovery Project алатката за анонимно да помогнат во подобрувањето и зголемувањето на индексирањето на страните.