Доколку не го пробавте новиот дизајн на Chrome досега, кој можеше да се вклучи по избор, сега веќе нема потреба да го правите тоа. Новиот дизајн на Google Chrome, којшто ја претставува досега најголемата промена во изгледот на прелистувачот, е официјално достапен за сите корисници.
Google Chrome 69 е најновата официјална верзија од прелистувачот која стана достапна за сите корисници оваа недела. Истата е достапна како за десктоп, така и за мобилните, односно Chrome 69 со новиот изглед е достапен за Windows, Linux, macOS, Android и iOS.
При ажурирањето на Chrome, веднаш ќе го забележите новиот изглед. Тој сега вклучува заоблени елементи, кои досега беа во правоаголна форма. Поточно, табовите, лентата за адреси и останатите елементи сега се заоблени, а исто така имаат истакната бела боја, наместо досегашната сива.
Покрај новиот изглед, Chrome 69 донесува и уште неколку дополнителни новини, а тие ги вклучуваат следните:
- Chrome отсега многу подобро ќе се грижи за лозинките на корисниците, кои се разбира имаат одлучено тоа да го прават со вградениот менаџер за лозинки. Лозинките се зачувуваат на сметката со која е најавен корисникот, а од минатата верзија на Android, тие веќе може да се користат и за пополнување во апликациите. Новина во оваа верзија, покрај подобрата работа со веб страните е додавањето на можност Chrome да предложи сложена лозинка при промена или креирање на нова.
- Omnibar-от, односно лентата за адреси и пребарување станува попаметна и повеќе корисна. При пребарување на одредени работи, резултатите ќе бидат прикажувани уште во лентата, па нема да треба да се отвори посебен таб. Тоа значи дека доколку се пребарува временската прогноза, моменталната температура ќе биде прикажана во самата лента. Исто така, пребарувањето ќе прикажува и веб страни кои веќе се отворени, па ќе биде понудена можноста да се отиде на тој таб, во случаеви кога повеќе табови се отворени.
- New tab страната добива можност за додавање на страни, па корисникот сам ќе може да си ги избере страните кои често ги отвора да му бидат достапни цело време. Исто така, на оваа страна ќе може да се избере позадина од поголем број на достапно, а корисникот ќе може да си стави и своја слика.