Google Chrome конечно ќе добие една мала нова можност која сепак е доста корисна и е одамна веќе достапна кај Microsoft Edge, како и кај Safari од минатата година.
Прелистувачот од Google ја добива можноста секоја веб страна да биде инсталирана исто како да е веб апликација, односно PWA. Google Chrome одамна има поддршка за инсталација на PWA, а од компанијата се тие кои ги промовираат овој вид на апликации.
Предноста со можноста да секоја веб страна биде инсталирана како апликација е што оваа страна ќе може да се отвора секогаш во посебен прозор и ќе има намален кориснички интерфејс од прелистувачот. Ова е одлично за страните кои често се отвораат, па корисниците може да ги користат како да се десктоп апликации.
Секако, инсталацијата на било која веб страна како апликација нема да биде целосно исто како тие кои се прилагодени како PWA. Обичните страни нема да го користат пристапот до ресурсите од компјутерот, но тоа не е ни важно.
Страните кои се прилагодени како PWA, како што е YouTube на пример, ќе продолжат исто да функционираат и ќе им прикажуваат на корисниците дека можат да бидат инсталирани.
Оваа новина е дел од најновата Canary верзија од Chrome, што значи дека за сите корисници ќе биде пуштена во неделите што следат.