Од оваа недела достапна е наредната верзија од Firefox прелистувачот која што е дојдена до бројката 40. Оваа верзија како што е стандардно донесува одредени промени кои што треба да го подобрат корисничкото искуство.
Главната промена во оваа верзија е освежениот изглед за корисниците на Windows 10. Прелистувачот на овој оперативен систем доаѓа со посебен изглед кој што преку мали ситници се прилагодува на генералниот изглед на Windows 10.
Корисниците ќе забележат мала промена на боите, користење на поголеми копчиња, поголем фонт во лентата за адреси, односно ќе можете да забележите мали промени кои што му даваат на прелистувачот познат, но сепак освежен изглед.
Во Windows 10 Firefox исто така овозможува промена на пребарувачот кој што се користи во вградениот Search на системот. Со ставање на Firefox како стандарден, односно главен прелистувач, системското пребарување ќе го користи пребарувачот кој што го имате наместено како главен во Firefox.
Firefox 40 исто така воведува неколку промени кои што треба да ја зголемат безбедноста на корисниците. Додатоците кои што не се потпишани од Mozilla ќе бидат означени со знак за предупредување, а од наредните верзии овие додатоци ќе бидат и автоматски исклучени.
Исто така, системот за проверка на страните кои што се отвораат, како и фајловите кои што се симнуваат е ажуриран за подобра работа. Mozilla во својот прелистувач го користи Google Safe Browsing Service и истиот е сега достапен и за корисниците на прелистувачот на Android.
Новата верзија од Mozilla Firefox можете да ја инсталирате преку самиот прелистувач доколку тоа веќе автоматски не е направено или да ја симнете преку следниот линк.
Како и обично, новата верзија од Firefox е достапна за Windows, Linux и OS X за десктоп, како и на Android.
Целосната листа на промени во новата верзија можете да ја видите преку следниот линк за десктоп, како и преку следниот линк за Android.