DuckDuckGo, познати по нивниот алтернативен пребарувач на Google кој го става акцентот на приватноста, во 2022 година претстави и сопствен интернет прелистувач. Овој прелистувач прво стана достапен на macOS, по што минатата година конечно дојде и на Windows.
Технологијата која ја користи DuckDuckGo е таа која е стандардна за оперативниот систем, па не се работи за уште еден прелистувач направен на основа на Chromium кодот, иако на Windows се користи истата веб технологија од Chrome.
Една од главните пречки за да овој прелистувач може да се каже дека вреди да се користи како главен, односно да го замени дотогашниот прелистувач на корисникот, е недостатокот на одредени клучни функции.
Едната од тие функции сега станува достапна, а со тоа може да се каже и дека DuckDuckGo станува официјално сериозна конкуренција на пазарот.
Корисниците сега можат да ги синхронизираат нивните лозинки и омилени страни, а ова е една од поважните можности во време кога ретко кој не користи повеќе од еден уред. Можноста да се синхронизира работата на корисникот е навистина важна во денешно време.

Синхронизирањето се прави без потреба од правење на сметка, а истото се активира со QR код на мобилните, односно со внесување на алфанумерички код на десктоп.
Оваа функција на DuckDuckGo е направена во стилот на останатите производи, односно со главен акцент на приватноста на корисниците. Сета содржина е шифрирана, а дури ни од компанијата не можат да пристапат до истата.
Поради тоа се симнува и документ кој може да се искористи за пристап до податоците доколку уредот е изгубен, а корисникот нема други уреди.
Оваа можност е веќе достапна со најновата верзија од DuckDuckGo, па доколку досега се имате мислено дали да му дадете шанса на овој прелистувач, сега е одлично време за тоа.