Германскиот пребарувач Ecosia, кој не е толку популарен како конкурентите, е познат по својата работа за заштита на планетата. Од компанијата главниот акцент го ставаат на садењето на дрва, нешто што го прават со помош на заработката која ја имаат од пребарувањата, односно од рекламите.
Сега од компанијата претставија уште еден интернет прелистувач кој сигурно не му е баш потребен на пазарот, а посебно поради фактот што е направен на основа на сеприсутниот Chromium код.
Ecosia прелистувачот е достапен на скоро сите платформи, односно на Windows, macOS, Android и iOS.
Прелистувачот веднаш може да се забележи дека е уште еден Chromium прелистувач, па од компанијата немаат направено нешто посебно многу промени. Главната разлика во изгледот може да се забележи на главната страна која корисниците можат да ја прилагодат со слики од Ecosia.
Исто така, за разлика од Chrome, Ecosia овозможува блокирање на рекламите и не ги следат активностите на корисникот, барем така се тврди.
За заработка прелистувачот овозможува спонзорирани линкови преку кои корисникот ќе може да купува производи, а во овој дел се поставува мал прашалник за нивото на приватност кое се тврди.
Од компанијата истакнуваат дека со секој ден користење на Ecosia прелистувачот, тие ќе генерираат 25Wh електрична енергија преку „чисти“ извори.
Интересно, Ecosia не го пропушта трендот на конкурентите, па корисниците имаат пристап до „четбот“ направен на основа на вештачка интелигенција, односно во овој случај на основа на технологијата од ChatGPT.