Facebook Messenger е една од најмногу користените апликации за разговори во светот, со скоро 1 милијарда активни корисници на сервисот. Со оглед на популарноста на социјалната мрежа, но и развојот на Messenger како платформа која вклучува анимации, стикери, можност за плаќање, комуникација со брендови, ботови и слично, не е чудо што огромен број на корисници се одлучуваат ова да им е главната апликација за разговори.
После откритијата на Сноуден, но и други пред некоја година, една од главните популарни карактеристики на апликациите за комуникација стана достапноста на енкрипција на пораките со која се овозможуваат тајни разговори кои никој не може да ги прочита, освен корисникот за кого се наменети.
Конкурентните апликации веќе одреден период имаат end-to-end енкрипција на пораките, а има и такви апликации кои биле специјално направени за енкриптирана комуникација.
Од Facebook веќе одреден период се чека да воведе енкрипција на разговорите во Messenger, па почна да се поставува прашањето дали тоа ќе се случи. Сепак, оваа функција не е баш популарна кај властите, па тие активно „лобираат“ за помалку користење на енкрипција или овозможување на заден пристап за нив.
Messenger ќе овозможи енкрипција на разговорите, меѓутоа не на сите. Тоа значи дека корисниците кои ќе сакаат да разговараат преку заштитена комуникација, ќе треба истото да го вклучат посебно, односно да вклучат таканаречен таен разговор од кој се стига преку опциите за корисникот во самата апликација.
Овие пораки исто така ќе имаат и рок на траење доколку корисникот сака да го вклучи, па по истекот на избраното време, пораките ќе биде избришани од двата уреди.
Причината поради којашто од Facebook се имаат одлучено за опционална енкрипција е поради тоа што не можат сите функции на Meseenger да работат при енкриптирана комуникација. Тоа значи дека сите нови функции, како ботови, гифови и слично, нема да може да се користат при таен разговор.
Од компанијата истакнуваат дека корисниците можат своите стандардни разговори да продолжат да ги прават преку обичниот протокол, којшто исто така е заштитен, искористувајќи ги сите нови функции на апликацијата.
Меѓутоа, доколку сакаат да разговараат за некои теми кои не би им било пријатно некој да ги види, како што е разговор за болест, испраќање на банкарски сметки и слично, сега ќе можат слободно и сигурно тоа да го направат преку Messenger.
Заштитените разговори ќе може да се прават само од еден уред којшто ќе го избере корисникот, односно таен разговор започнат од мобилниот, нема да може да се отвори од прелистувач, на пример.
Протоколот којшто се користи за заштита на пораките е познатиот Signal Protocol од Open Whisper Systems кој е ценет од заедницата, а веќе се користи и во WhatsApp, апликација во сопственост на Facebook.
Оваа нова можност ќе биде достапна кај ограничен број на корисници во почеток, по што ќе биде пуштена за сите корисници до крајот на летото. Android и iOS корисниците сигурно ќе ја имаат можноста, а за другите платформи уште не е сигурно.
Извор: Facebook, TechCrunch, The Verge, TNW