nearby_friends

Facebook претстави нова функција која што ќе биде дел од основната апликација, односно не се работи за уште една посебна апликација. Наречена Nearby Friends, функцијата ви овозможува да откриете кои ваши пријатели се наоѓаат во вашата близина, а потоа да размените пораки, како и вашата точна локација доколку сакате да се најдете. Сепак оваа нова функција ќе биде достапна само за корисниците на САД, а нема информации кога би била пуштена за остатокот од светот, но најверојатно тоа зависи од популарноста кај овие корисници.

nearby-friends-press-2

Nearby Friends се вклучува по желба, па корисниците кои што ја сметаат за нарушување на приватноста не мора да ја користат. Се наоѓа на лентата за повеќе прилагодувања, односно во делот каде што можете да ги видите вашите пораки, групи на пријатели, сетирања и слично. Nearby Friends е достапна за Android и iOS корисниците, а за да можете да ги видите пријателите во близина, потребно е и тие да ја имаат вклучено функцијата и да ја споделуваат локацијата со вас. Кога ќе ја вклучите Nearby Friends почнувате да ја емитувате вашата локација, меѓутоа само приближната, односно не е прикажана вашата точна локација, туку маалото каде што се наоѓате и слично. Можете да изберете локацијата да ја емитувате за сите пријатели, но и за одредени групи и листи. Кога некој од вашите пријатели ќе се најде во вашата близина, ќе добиете нотификација, по што можете да ја споделите вашата точна локација со тој пријател и да вклучите кратка порака. Пријателите кои што ја споделуваат нивната точна локација со вас ќе бидат прикажани на мапа со нивните слики. Локациите кои што ги имате посетено се зачувани на Facebook, истите можете да ги видите и избришете преку Activity Log.

nearby-friends-press-3 nearby-friends-press-1

Nearby Friends е резултат на купувањето на Glancee апликацијата од страна на Facebook во 2012. Одговорен за развојот е основачот и главниот директор на Glancee Andrea Vaccari со неговиот тим.

Воведувањето на вакви функции кај апликациите предизвикува загриженост кај одредени луѓе, посебно во ситуации кога одредена компанија цело време би знаела каде се наоѓате. Nearby Friends доколку е вклучена ја зачувува вашата локација на секои 15 минути, па иако можете да ги избришете посетените локации и да ја исклучите функцијата, во последните години загриженоста на луѓето за нивната приватност е се поголема.

Дали би сакале оваа функција да биде воведена за сите корисници, односно дали ја сметате за корисна и би ја користеле ?

Извор: Facebook

Претходна статијаДостапна финалната верзија од Ubuntu 14.04 LTS
Следна статијаSatellite P55t: 4К лаптоп од Toshiba
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.