Mozilla Firefox оваа недела, поточно вчера, 26 септември, ја доби својата 118 верзија. Истата не донесува нешто многу новини, а тоа е стандардно по забрзувањето на „темпото“ на пуштање надградби, но затоа донесува една функција на која Mozilla одамна работи.
Mozilla го пушти својот систем за преведување на веб страните кој функционира локално од самиот уред, без поврзување со серверите од компанијата. Ова како начин на функционирање е секако важно поради една причина, а тоа е приватноста на корисниците.
Со ова од Mozilla покажуваат дека сакааат да останат дефиниција за приватност на пазарот, иако како и сите други, нивното „досие“ не е целосно чисто.
За почеток нема достапност на голем број на јазици, но сепак тука се некои од најмногу користените. Преведувањето функционира како и досега, односно како и кај конкурентите, преку прикажување на копче во лентата за адреси секогаш кога веб страната е на различен јазик од тој кој е главен на прелистувачот.
Корисниците треба да ги симнат јазиците на кои сакаат да им функционира преведувачот, а повремените ажурирања би се правеле автоматски.
Новата верзија од Firefox донесува и подобрувања кај заштитата од „fingerprinting“, како и дополнителни ефекти при видео повици на Google Meet.
Mozilla Firefox 118 веќе може да се инсталира преку прелистувачот, а истото може да се направи и автоматски доколку е вклучена таа можност.