Од денеска достапна е 35-та верзија од Firefox прелистувачот за сите поддржани платформи, односно за Windows, Linux, OS X и Android. Оваа верзија вклучува неколку новини, како и стандардните подобрувања на перформансите и некои од функциите.
Првата новина доаѓа за новиот веб базиран сервис за разговори Firefox Hello кој што сега поддржува посебни „соби“ за разговори. Сервисот за разговори функционира на WebRTC стандардот кој што функционира целосно преку интернет прелистувач и не бара додатни инсталации на програми и додатоци.
Од оваа верзија десктоп корисниците ќе имаат пристап до Firefox Marketplace, продавница за апликации која што може да ја споредиме со Chrome продавницата. Се работи за апликации направени на основа на веб технологии како што се HTML5, CSS и JavaScript. Карактеристично за ваквите апликации е нивната работа преку веб прелистувачот, меѓутоа имаат пристап до ресурсите на компјутерот и може да се користат до некаде како обични апликации наменети за тој систем.
Продавницата до сега беше достапна за корисниците на Firefox за Android, како и на Firefox OS. Уште е во бета фаза, па корисниците кои што сега ќе ја користат во основа ја тестираат функцијата во развој.
Со оваа верзија десктоп корисниците исто така добиваат можност за споделување на страната на која што се наоѓаат во моментот со повеќето социјални мрежи. За тоа е достапно посебно копче, а на кои мрежи ќе може да се сподели содржината се прилагодува преку Share Activation страната.
Целосната листа на новини во 35-та верзија од Firefox можете да ја погледнете преку следниот линк.
Покрај за десктоп, новата верзија е достапна и за корисниците на Android. Истата донесува https при пребарување со Bing, подобрени геолокациски сервиси за одредување на вашата позиција врз основа на мобилните и Wi-Fi мрежи во близина и повеќе.
Една новина со оваа верзија, мала, но корисна според мене е интеграцијата со Downloads на Android. Тоа значи дека симнатите фајлови преку Firefox сега ќе можете да ги пристапите преку вградениот менаџер на оперативниот систем.
Целосната листа на промени во Firefox 35 за Android можете да ја погледнете преку следниот линк.
Доколку сте корисник на Firefox можете да го надградите или да причекате доколку е наместен автоматски, како и преку продавницата за апликации на Android. Исто така можете да ги искористите следните линкови доколку сакате повторно да го симнете прелистувачот.