Од оваа недела на корисниците им е достапна 38-та верзија од Firefox прелистувачот. Достапна е за сите платформи, односно за Windows, Linux и Mac за десктоп верзијата, како и на Android за мобилната верзија.
Firefox 38 не донесува некои нови и истакнати функции, па во главно оваа надградба вклучува подобрувања на перформансите, исправка на сигурносни проблеми, како и разни заднински промени во кодот.
Оваа верзија од прелистувачот донесува нов кориснички интерфејс за прикажување на прилагодувањата. Тие наместо во посебен мал прозорец како до сега, се прикажуваат во посебен таб и се прилагодени за прикажување на целата страна. Иако достапните прилагодувања остануваат исти, овој начин на нивно прикажување претставува добро освежување на изгледот.
Она што најмногу привлече внимание во 38-та верзија од Firefox е поддршката за пуштање на заштитена содржина преку Adobe Content Decryption Module (CDM). Ова им овозможува на корисниците да гледаат содржина која што го користи DRM HTML5 стандардот.
Со други зборови, одредена содржина на интернет, најчесто видео, меѓутоа може да биде и било каква друга, користи заштита за тоа што корисникот може да прави со неа. Ваков вид на заштита користат сервисите како Netflix на пример и со тоа ја задржуваат контролата над содржината, односно оневозможуваат корисникот да ја снима и слично.
Ваква содржина веќе одамна може да биде пуштена преку Adobe Flash Player и Microsoft Silverlight додатоците. Новата поддршка овозможува пуштање на содржината преку HTML5 за што не е потребно инсталирање на било какви додатоци.
Додавањето на DRM поддршката од страна на Mozilla е направено со противење, поради тоа што оваа технологија е со затворен код, што е спротивно на принципите на организацијата. Исто така, тие се противат на ограничувањето на корисниците при гледањето на содржина на интернет.
Mozilla ваквата содржина ја пушта во таканаречен sandbox со цел да овозможат дополнително ниво на сигурност за корисниците. Исто така, тие овозможуваат симнување на верзија од прелистувачот каде што додатокот не е вклучен, а корисниците можат да го исклучат во стандардната кога сакаат.
Целосната листа на промени на Firefox 38 за десктоп можете да ја видите преку следниот линк. Надградбата веќе можете да ја инсталирате преку прелистувачот, доколку тоа не ви е наместено да биде автоматски.
Покрај за десктоп, Firefox 38 е достапен и за корисниците на Android. И во овој случај нема некои поголеми промени, па мобилниот прелистувач добива одредени мали промени во корисничкиот интерфејс, поддршка за Android L тема, испраќање на отворени табови на друг уред.
Целосната листа на промени можете да ја видите преку следниот линк. Најновата верзија можете да ја инсталирате преку продавницата за апликации или преку следниот линк.