Поддршката за Firefox на постарите оперативни системи требаше да заврши во март оваа година. Се работи за постарите ESR верзии од Firefox, односно Firefox 115 ESR и Firefox 128 ESR кои продолжија да добиваат поддршка на Windows 7, 8, 8.1, како и на macOS 10.12 и 10.14.
Од организацијата објавија дека поддршката ќе биде продолжена до септември оваа година, но ни тогаш не е сигурно дека ќе биде прекината. Одлуката повторно ќе биде проценета до тогаш, па можно е повторно да биде продолжена.
Иако тоа официјално не се истакнува, како главна причина за поддршката на овие постари верзии и системи јасно е дека е желбата да не падне пазарниот удел на еднаш најпознатиот интернет прелистувач.
Покрај се’ уште огромната популарност на Chrome, на пазарот сега има неколку одлични алтернативи, па Firefox веќе одамна не успева да се врати барем на дел од старата бројка на корисници.
Корисниците на овие ESR верзии добиваат само безбедносни ажурирања, како и исправки на грешки, што значи дека тие сепак не добиваат нови функции. За истото тие би требало да инсталираат понова верзија од Windows или macOS за да можат да ја инсталираат најновата верзија од Firefox или барем најновата ESR верзија која е погодна за организациите.