Една од најпознатите, ако не и најпознатата апликација за тестирање на перформансите на уредите, Geekbench, пушти нова верзија која доаѓа три години по пуштањето на претходната.
Geekbench 6 е прилично голема и важна надградба со која се ветува дека резултатите од тестирањата ќе бидат многу пореални, односно блиски до начинот на којшто ги користиме уредите, а исто така се најавува и подобра споредба помеѓу различни уреди.
Од компанијата истакнуваат дека многу работи се имаат променето изминатите три години, камерите кај смартфоните се поголеми и прават подобри слики, а тука е и вештачката интелигенција, поточно машинското учење кое е дел од сите нови уреди.
Прилагодувањето на тестовите да бидат прилично реален одраз на вистинските активности на корисниците, е една од најголемите новини кај Geekbench 6 и би требало да ја тргне потребата од коментарите како „во ред се резултатите, но тие немаат врска со вистинското користење на уредот“.

За да се постигне пореалното тестирање, од компанијата ги истакнуваат новите тестови кои се дел до Geekbench 6. На пример, како нови или ажурирани „real-world“ тестови се заматување на позадината при видео разговори, филтри и прилагодување на сликите за објава на друштвените мрежи и слично.
Дополнително, податоците кои се користат сега имаат слики со повисока резолуција, поголеми мапи при тестови за навигација, поголеми и покомплексни документи за тестирање на PDF и HTML5 тестовите, поголеми датотеки и слично.
Новата верзија, односно Geekbench 6, е достапна за сите платформи, односно може да се симне на Android, iOS, Windows, macOS и Linux.