Еден од главните недостатоци на Windows Phone кога се работи за достапноста на апликации, не е таа на познатите и масовно користени апликации. Главниот проблем во споредба со другите платформи, а посебно Android е немањето избор на апликации од непознати програмери наменети за додавање на мали и корисни функционалности.
Android платформата е полна со вакви апликации кои што им овозможуваат на корисниците да направат буквално се што ќе се сетат на нивниот уред. На Windows Phone платформата, овој недостаток уште од самиот почеток се труди да го покрие Microsoft. Тоа значи дека доста апликации кои што не се достапни за корисниците од официјалните програмери, Microsoft ги развива самиот. Интересно е што од поголемите компании, Facebook се’ уште нема официјална апликација, а истата е направена во соработка со нив од страна на Microsoft.
Gestures апликацијата, која што моментално е во бета верзија, овозможува неколку функции поврзани со користењето на телефонот. Истата е отворена за предлози преку Uservoice платформата и се очекува понатаму да вклучува повеќе од сега достапните функции. Што овозможува Gestures апликацијата ?
- Одговарање на повикот со подигање на телефонот и поставување на увото
- Исклучување на микрофонот за време на повик со поставување на телефонот на рамна површина со екранот надоле
- Вклучување на звучникот за време на повик со поставување на телефонот на рамна површина и екранот нагоре
- Исклучување на звукот при ѕвонење на телефонот при добивање на повик со негово насочување надоле со екранот
Апликацијата е достапна во продавницата за апликации за Lumia уредите, а по нејзиното инсталирање ќе треба да го рестартирате вашиот телефон. Можете да ја симнете преку следниот линк.