Минатата година, поточно при крајот на април, Google му даде на Gmail редизајн којшто е најголемиот, па можеби од неговото претставување како сервис. Новиот дизајн е во рамките на правилата од Material дизајн концептот и мора да се признае, изгледа одлично.
Акцентот е ставен на чистите бели површини, истакнатите бои каде што е тоа потребно, а тука се и практичните додатоци, како прикажување на прикачените датотеки без потреба од отворање на пораката.
Покрај изгледот, Gmail доби и нови функции, кои во главно се преземени од Inbox, одличната апликација која нема да продолжи да се развива, а сите добри функции од неа ќе станат дел од Gmail.
Сепак, мобилната апликација од сервисот не беше опфатена со редизјанот, па остана да се прашуваме кога тоа ќе се случи, зошто јасно беше дека нема да биде оставена така.
Епа, скоро година ден подоцна, еве го редот и на Gmail апликацијата за Android и iOS. Оваа апликација во неделите што следат ќе биде надградена на верзија која ќе го содржи редизајнот на сервисот, како и новите функции.



Од сликите се забележува белата боја која е дел од се повеќе апликации од Google, според мене изгледа одлично и чисто, а од компанијата најавуваат дека и останатите апликации од G Suite ќе го добијат новиот дизајн во текот на годината.