Google Chrome 32 е официјално излезен од бета фазата и е достапен за симнување или надградба за сите корисници. Оваа верзија доаѓа со неколку интересни новости кои што веќе беа достапни во бета верзија, а за нив можевте да прочитате на Smartportal (Google Chrome 32 Beta).
Главната, а и најинтересна новост е променетиот кориснички интерфејс на прелистувачот кога го користите во „модерната“ десктоп околина на Windows 8/8.1. За да можете да го користите во овој режим, потребно е прво да го поставите Chrome како ваш главен прелистувач. Со тоа наместо стандардниот Chrome изглед, само прикажан на целиот екран, добивате кориснички интерфејс ист како оној на Chrome OS, оперативниот систем од Google. Со тоа добивате можност да отворите повеќе екрани, како и покренувач (launcher) на апликации преку кој што можете да ги вклучите Chrome десктоп апликациите.
Оваа верзија на Chrome доаѓа со уште две нови функции. Една е појавувањето на индикатор на вашите отворени табови кој означува од кој таб доаѓа музика. Ова е доста корисно кога отворате повеќе линкови, а на некој од нив се погодува да има реклама која што автоматски се пушта, или видео клип, па наместо да ги проверувате сите отворени табови посебно, сега на таквиот таб ќе има посебна ознака.
Исто така во оваа верзија подобрена е функцијата за блокирање на малициозни екстензии, чија што функција е проширена од блокирање само на малициозните веб страни.
Друг нов додаток кој што е исто така интересен и корисен посебно за тие што сакаат контрола над сурфачките навики на своите деца, е можноста за креирање на посебен корисник на прелистувачот врз кој што ќе може да се врши надзор од страна на главниот корисник. Овој корисник ќе биде креиран само локално, односно нема да му биде креирана Google сметка, а со тоа нема да може да ја користи функцијата за синхронизација. Главниот корисник ќе може да го менаџира овој корисник преку следната адреса http://chrome.com/manage. Надзорот, односно менаџирањето на корисникот подразбира:
- Дозволување или забрана на одредени веб страни
- Проверка на посетените страни од страна на надгледуваниот корисник
- Менаџирање на прилагодувањата
Chrome 32 можете да го надградите доколку веќе го користите или да го симнете преку следниот линк.