Google Chrome веќе е најмногу користениот интернет прелистувач. Причини за тоа има повеќе, а за тоа може да се напише цела посебна колумна. Оваа есен Chrome добива неколку нови и изменети функции кои ќе имаат позитивно влијание врз корисничкото искуство, како на десктоп, така и на мобилните.
Промените треба да дојдат најверојатно во наредната верзија од Chrome, односно Google ги најавува за оваа есен.
Првата промена која верувам ќе им се допадне на повеќето корисници на Chrome на мобилните е поврзана со начинот на прикажување и организација на табовите. Моментално тие се прикажуваат како карти кои се наредени една врза друга, па сепак е потребно нивно поместување за да може да се види кој е табот којшто го бараме.
Chrome отсега ќе ги прикажува табовите како мали сликички поставени една до друга, па со тоа ќе со овозможи лесно да може да се види кој таб е кој и што има на него.

Целосна новина е можноста за групирање на табовите со едноставно нивно повлекување еден врз друг. Со тоа се добива подобра организација за корисниците кои отвораат повеќе табови. Кога ќе се отвори група од табови, тие ќе може да се менуваат на нова посебна лента на долната страна.
Табовите и на десктоп добиваат унапредување. Тие сега ќе може полесно да се гледаат со тоа што ќе им се прикажува насловот веднаш кога ќе се помине над нив со глувчето. Од Google најавуваат дека во блиска иднина ќе воведат и краток преглед на содржината на табот, наместо само насловот.


Друга навистина корисна работа е поврзана со лентата за пребарување и адреси. Истата ќе почне да прикажува и одговори од одредени барања, исто како што се прикажуваат предлозите за пребарувањето. Тоа значи дека кога ќе се впише барање за дефиниција за некој збор, истата ќе излезе веднаш под предлогот којшто обично се појавува.
Google Chrome исто така добива и можност за испраќање на линкот од страната која е отворена на другите уреди кои ги има корисникот и е најавен на нив со неговата, односно истата, Google сметка.

Не толку голема, но убава новина е можноста за менување на боите на прелистувачот, со што секој ќе може да ја избере таа која повеќе му се допаѓа од стандардната, без потреба од барање на теми во Chrome Web Store.