Во тест фаза повеќе месеци, а сега достапна во бета верзијата од Google Chrome, корисниците на овој прелистувач ќе добијат можност за групирање на нивните отворени табови почнувајќи од наредната финална верзија која ќе стане достапна идната недела.
Групирањето на табовите е замислено да овозможи подобра организација на истите, а посебно за корисниците кои обично функционираат со многу отворени табови, на различни теми.
Групирањето се прави едноставно, со десен клик на еден таб и притискање на новата можност за групирање на табови. До тој таб ќе се појави простор за именување на групата, како и боја која ќе може да се менува.
Посебно добар додаток е ставањето на бои, нешто што ќе ги издвои посебни групи и ќе направи тие полесно да може да се забележат за брза промена на саканиот таб.
Од Google даваат примери за тоа какви групи може да креираат корисниците, па така покрај поделба според темите на отворените табови, тие може да се групираат и според тоа кога треба да биде завршена работата, а тука е и можноста да се означат со emoji икони.

Наредната верзија од Google ќе биде достапна од идната недела, а од Google истакнуваат дека пуштањето на новата функција ќе оди постепено со цел задржување на стабилноста и перформансите на прелистувачот.