Google најави дека верзијата од Chrome која ќе стане достапна при крајот на август ќе почне да ги блокира рекламите кои ги трошат ресурсите на уредот на корисникот. Со ова Chrome ќе овозможи подобра заштеда на батеријата на уредот, како и интернет сообраќајот кој го има корисникот.
Сепак, според статистиките на Google, рекламите кои трошат доста ресурси се многу мал процент од вкупните реклами, 0,3% само, но затоа тие се одговорни за 27% од потрошениот интернет сообраќај и 28% од процесорот на уредот. Ова се високи проценти за реклами кои се само 0,3% од вкупните, па јасно е зошто од Google планираат да почнат да ги блокираат.
На местото на блокираната реклама ќе стои посебна икона и порака дека рекламата е тргната. Корисниците ќе може да притиснат на достапниот линк за да дознаат повеќе зошто таа реклама е тргната.

За да една реклама биде тргната, односно блокирана, таа ќе треба да потроши повеќе од 4MB сообраќај или 15 секунди од процесорот во период од 30 секунди, како и 60 секунди вкупно користење на процесорот.
Со оглед на тоа што оваа функција се планира за крајот на август, тие што изработуваат и објавуваат реклами имаат доволно време да ги прилагодат со цел да не бидат блокирани од страна на Chrome, а со оглед на процентот којшто го има овој прелистувач на пазарот, никој не би сакал неговата реклама да е блокирана.