Google најави три нови функции кои треба да овозможат подобро пребарување преку Chrome. Овие новини се поврзани со предлозите при пребарување кои се добиваат преку Search Box полето во прелистувачот, како и уште две новини кои се мали, но ќе им направат разлика на дел од корисниците.
Првата новина додава нов дел со предлози од тоа што другите корисниците на Chrome го пребаруваат, а е поврзано со пребарувањето на корисникот. Оваа новина се прикажува кога се пребарува преку Search Box полето, односно полето за пребарување кога ќе се отвори нов „таб“.
Google Chrome добива и повеќе слики во предлозите од пребарувањето, па на пример, на корисниците ќе им се прикажуваат слики од производи кога пребаруваат, без потреба од пребарувањето да биде точно и конкретно. Сликите ќе се прикажуваат уште од самиот почеток на пребарување, а Google ќе дава слики од тоа што смета дека корисникот го бара.

Третата новина овозможува предлозите да може да се прикажуваат при пребарување и во ситуации кога интернет конекцијата не е баш најдобра. Предлозите ќе се прикажуваат од самиот уред, а тоа значи и подобри предлози кога е вклучен „Incognito“ режимот.