По автоматската инсталација на друг безбедносен софтвер на местото на Kaspersky за корисниците во САД, поради блокадата на компанијата од страна на властите, сега апликациите од компанијата се целосно тргнати од Play Store.
Корисниците веќе не можат да ги најдат, а со тоа и да ги инсталираат безбедносните апликации од Kaspersky, а од Google и целосно ја имаат избришано програмерската сметка на компанијата.
За разлика од случајот на Windows, корисниците на Android ќе можат да продолжат да ги користат апликациите, но истите нема да можат да бидат ажурирани доколку има нова верзија. Со тоа и од Kaspersky истакнуваат дека заштитата од апликациите продолжува, но истата со тек на време може да стане ограничена.
Тоа што е чудно, а реагираат на истото од Kaspersky, е тргањето на апликациите за сите корисници во светот, а не само за тие од САД. Од компанијата сметаат дека забраната за соработка за американските компании не би повлекла санкции надвор од земјата, но апликациите се сепак целосно тргнати за сите.
За разлика од Windows, исто така корисниците ќе можат да продолжат да ги користат апликациите и со нивна инсталација од други продавници за апликации, како што се таа од Samsung, Huawei и Xiaomi, а можат да ги инсталираат и директно од страната на Kaspersky со симнување на .apk датотеката.
Причината за овие случувања е позната, а тоа е додавање на компанијата на листа на ентитети кои ја загрозуваат националната безбедност на САД. Наводно Kaspersky соработува со руските власти, а корисниците на софтверот не можат да бидат сигурни дека нивната приватност се почитува.
Дали сето ова е вистина, не можеме да знаеме, а јасно е каква е ситуацијата со приватноста во денешното модерно време.