Google секоја година организира повеќе настани на кои презентира нови производи, софтвер, насоки на дизајн и така натаму. Тие досега за секој посебен настан објавуваа посебна апликација која служеше како подлога за организирање на настаните и за полесна комуникација меѓу гостите и организаторот (Google).
Сега тие решија да извадат засебна и единствена апликација која ќе може да го носи овој товар. Нејзиното име е Interactive Events. Практично, со ваквата апликација идејата е кога ќе бидете присутни на некој настан организиран од Google да се пријавите на истиот електронски преку нејзе. Тоа може да се оствари преку скенирање на QR код. Потоа, вие ќе имате можност да правите прибелешки, да пишувате коментари, да комуницирате со организаторите и со говорителите на сцената, да се врзувате на социјалните мрежи и останати функции кои се потребни на ваквите настани. Апликацијата работи на Android но може да се активира и преку Интернет прелистувач, овозможувајќи ја на било која платформа.
Апликацијата бара од вас да се најавите на вашиот Google+ профил како прва опција, но постои и опција да се најавите со профили на други социјални мрежи како Facebook, LinkedIn или GitHub. Апликацијата засега не е претерано корисна бидејќи нејзината функција ќе може да се простудира директно на некој настан од Google. Таа ќе биде врзана само за настаните кои се огранизирани од нив што е делумно разочарувачко. Сепак, можеби од Google сакаат да ја истестираат оваа нова платформа на своите настани пред да ја пуштат во употреба до пошироката јавност.
Извор: VentureBeat