Фото: Shutterstock.com

Google Chrome во септември со верзијата 117, заедно со редизајн на корисничкиот интерфејс, ќе добие и промена кај катанец иконата која одамна е дел од лентата за адреси.

Причината за оваа промена е слабата запознаеност на корисниците со значењето на оваа икона, како и честото погрешно верување дека веб страната која е отворена е безбедна и не може да содржи вируси или да е „фишинг“ страна.

Во основа, оваа икона се што кажува е дека веб страната го користи HTTPS протоколот, а тоа означува дека комуникацијата на компјутерот со таа страна е шифрирана и шансите некој да ја пресретне се многу мали.

Оваа икона започнува да се користи во деведесеттите од страна на еден од најпознатите интернет прелистувачи, Netscape. Истата е измислена да се даде информација на корисникот дека страната го користи HTTPS протоколот, нешто што порано беше стандардно само за страните од банките, на пример.

Google истакнуваат дека истражувања направени од нив, но и други, покажуваат дека само 11% од корисниците точно го разбираат значењето на оваа икона, поради што истата ќе биде променета.

Новата икона е направена да воопшто не асоцира на безбедноста на страната, со што нема веќе да има забуни на тој план. Иконата треба да ги асоцира корисниците на копче за прилагодувања, па да го притиснат и да добијат повеќе информации за страната.

Во овој дел остануваат истите информации, односно корисниците можат да видат дали страната користи HTTPS протокол, но и информации за кои ресурси од компјутерот се користат, колачињата и слично.

Страните кои не го користат безбедниот HTTPS протокол и понатаму ќе бидат посебно означувани, а според информациите од Google повеќе од 95% од страните отворени преку Chrome на Windows го користат протоколот.

Причината за ова е промените кои беа воведени пред десеттина години и кои бараат сите страни да почнат да го користат протоколот, а не само тие кои работат со важни информации.

Промените на иконата на Android ќе бидат направени заедно со десктоп верзијата, а на iOS иконата ќе биде целосно тргната затоа што истата на овој систем не може да се притисне.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаЕУ ги предупредиле Apple за можното ограничување на USB-C каблите кои не се сертифицирани од нив
Следна статијаPhotos апликацијата во Windows 11 добива можност за бришење „флеки“ и други несакани делови
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.