Photo Sphere е функција достапна за корисниците на Android преку новата Camera апликација почнувајќи од 4.2 Jelly Bean верзијата од оперативниот систем. На прв поглед таа изгледа како уште една апликација која што овозможува да сликатe панорамски слики, меѓутоа сепак оваа од Google се разликува од другите по неколку можности.
Со Photo Sphere можете да ја сликатe околината од страните, меѓутоа и горните и долните делови. Со тоа добивате одлична слика која што остава впечаток како да сте на местото од каде што е сликата. Исто така, овие слики покрај тоа што можете да ги споделите на социјалните мрежи, како и на Views страна наменета за вакви слики, тие можете да ги поставите на Google Maps. Доколку се одобрени, тие ќе бидат прикажани на Google Maps Street View функцијата. Всушност, кога оваа функција беше првпат претставена, беше најавенa како можност за самите да креирате Street View за мапите од Google.
Од оваа недела и корисниците на iOS уредите ќе имаат можност да креираат интересни Photo Sphere слики преку посебната апликација која што Google ја претстави. Апликацијата ги има сите можности што ги имаат Android корисниците, како и најинтересната можност за креирање на Street View на Google Maps.
Google Photo Sphere е достапна во продавницата за апликации и можете да ја симнете преку следниот линк.