Пред некој ден проблем во Chrome прелистувачот кој што постои повеќе години почна да добива на популарност кога за него напиша статија Ian Morris од Frobes порталот. Се работи за проблем во прелистувачот кој што предизвикува да тој прави будење на процесорот на Windows компјутерот во интервали од 1 милисекунда, нешто што другите прелистувачи го прават само по потреба, па потоа се враќаат на стандардното време од 15,625 милисекунди. Тоа значи дека Chrome прелистувачот дури и кога не го користите за гледање на YouTube видеа на пример, активност која што бара побрз интервал на будење на процесорот, тој останува на интервалот од 1 милисекунда од неговото вклучување.
Поради тоа кога е вклучен Chrome прелистувачот, компјутерот троши повеќе електрична енергија, што кога се работи за лаптоп компјутер кој што не е вклучен во струја, батеријата побрзо се троши. Според Microsoft, доколку некоја програма цело време работи на интервал од 1 милисекунда, може да дојде до зголемување на потрошувачката до 25%, што не е малку кога работите на батерија, а не сте во можност да го вклучите вашиот лаптоп во струја.
За овој проблем во прелистувачот се знае веќе одамна, меѓутоа според информациите од Google до сега немаат дадено приоритет за негова исправка. Сега кога проблемот доби на популарност од Google ги имаат известено неколку од странските портали дека проблемот е ставен на листата со највисок приоритет и ќе биде најдено решение. Се разбира ваквите работи се процес за кој што не може да се знае кога точно ќе биде завршен, меѓутоа добро е што проблемот сега е официјализиран, па корисниците во иднина ќе можат да го користат нивниот омилен прелистувач според статистиките.