Ситуацијата во која што се наоѓа светот моментално, како последица на Коронавирусот налага многу голем број на луѓе да се префрлат на работење од дома. Концентрацијата која се бара при работа на стандардното работно место треба да се одржува во домот и покрај сите дистракции и активности кои се случуваат паралелно.
Google ни излегува во пресрет со новата алатка која ги детектира звуците во домот. Моментално достапна за Андроид, опцијата е дизајнирана да ги препознава критичните звуци во домот и да испраќа известувања на мобилниот телефон. Функционира преку Live Transcribe сервисот на Google кој првично е наменет за конвертирање на зборови во текст, но со оваа надградба успева да детектира 10-на други звуци.
Меѓу звуците за кои ќе ни стигне предупредувачко известување спаѓа лаење на куче, аларм на апарати за домаќинство, чукање на врата, течење на вода, детски плач и аларм за чад и оган.
Алатката го користи микрофонот на смартфонот за да ги детектира овие звуци. Исто така известувањата може да пристигаат и на Wear OS, оперативниот систем за паметни часовници на Google, преку вибрации на зглобот.
Таргет на развивањето на оваа можност се првично лицата со попреченост во слушањето, со што би им се олеснило секојдневното живеење и би можеле по известувањето, навремено да реагираат соодветно со ситуацијата, која понекогаш може и да значи опасност. Но, секако алатката би била од помош на секој кој има повеќе обврски во денот кои мора да ги заврши од дома.