Доколку сте редовен корисник на Google Maps можеби имате забележано одредена промена кај изгледот на мапите. Промената е најавена дека се тестира на мобилната апликација, но во мојот случај е пуштена само на десктоп верзијата, што значи дека не сите ќе можат да ги видат промените во овој момент.
Промената е видлива уште од прв поглед, па иако не се работи за драстичен редизајн, туку само за промена на неколку од боите кои се користат, сепак разликата е доволно голема.
Доколку се отвори мапата над Скопје, може да се види дека позадината сега е бела, додека улиците се со сива боја, а промена има и кај автопатиштата кои веќе не се со жолта, туку темно сива боја.
Доста очигледна е промената на деловите со природа, односно шуми и паркови. Поточно, од гледањето на Водно, Градскиот Парк, како и Паркот во Гази Баба, може да се забележи изменета нијанса која сега е со нешто потемна зелена нијанса, односно цијан боја.
Доколку се види Вардар, а истото важи и за останатите водени површини, сината боја е осветлена, во споредба со сегашната доста потемна нијанса.
Се најавуваат промени и во делови од мобилната апликација кои не се поврзани со мапите, како што е на пример потемно зелената боја на лентата која се појавува при навигација.
Промените на Google Maps се споредуваат со конкурентот Apple Maps и според некои истите ја прават оваа апликација доста послична со таа од Apple.
Мене лично промените ми се одлични, па не е важно дали истите личат на некои од конкурентните апликации.