Google Messages наскоро се очекува да добие нова функција поврзана со RCS протоколот која ќе им го олесни процесот на откривање на контактите на корисниците.
Апликацијата ќе почне да ги означува контактите кои го имаат активирано RCS протоколот и со тоа корисниците веќе нема да мора прво да пратат порака, па да видат дали со тој корисник можат да разговараат преку овој нов и модерен протокол.
Ознаката ќе биде очигледна, односно ќе биде поставена веднаш до бројот на контактот и ќе биде во форма на текст „RCS“, едноставно.
Покрај оваа ознака, контактите кои го користат протоколот ќе бидат прикажани во бојата од системот, односно таа која корисникот ја користи за остатокот од системот, додека корисниците кои се достапни преку SMS ќе бидат напишани во црна, односно бела боја во темната тема.
RCS протоколот веќе не е толку нов, а може да се каже дека најзаслужни за неговата промоција се Google. Овој протокол се смета како Android алтернатива на iMessage протоколот на Apple и на корисниците им овозможува помодерен начин на комуникација, со можност за испраќање на слики, индикатор за пишување, шифрирање на пораките и слично.
Со iOS 18 и Apple конечно додаде поддршка за овој протокол за нивните корисници, па комуникацијата со Android веќе не е ограничена само преку SMS, секако доколку ги тргнеме на страна другите апликации кои се и повеќе популарни.