Најновата надградба на познатата апликација Google Now од Google воведува потсетник за неплатени сметки кои ги има пронајдено во сандачето на вашата Google е-пошта. Таа сега може да ги прикаже тековните и минатите сметки кои ги имате и ги прикажува на начин што се сместуваат на врвот од апликацијата со информација за крајниот рок и вредноста на сметката. Не сме баш сигурни дека истото ќе работи и кај нас во Македонија бидејќи за пренос на вакви можности обично се потребни 5+ години, но добро е да се има предвид накаде оди развитокот на автоматизираните помошници како Google Now, Siri и Cortana.
Инаку ваквите автоматизирани помошници се во голем подем овој период. Тие можат да ви помогнат да се снајдете во сообраќај, да резервирате билети за некој настан, да видите какво ќе биде времето и да ви одговорат најразлични прашања. Практично претставуваат се уште рудиментирана но долгоочекувана помош за ваше растеретување од многу тековни работи кои тие ги памтат место вас.
Од друга страна, постои голема загриженост кај нивните корисници во однос на приватноста и безбедноста на податоците бидејќи помошниците имаат пристап до вашата локација, намера каде ќе одите и што ве интересира.