Во најновата бета верзија од Phone апликацијата од Google достапна е мала новина која ќе им го олесни на корисниците процесот на откривање чиј е непознатиот број кој ги бара.
За истото е додадено ново копче кое се притиска на непознат број во историјата на повици, копче кое овозможува да се пребара бројот на интернет, со Google Search на пример.
Од ова се гледа дека целта на оваа новина е да се откријат бизнис броевите, што значи дека не е наменета целосно да ги замени апликациите како Truecaller.
Со оглед на тоа што повеќето бизниси ги имаат оставено своите контакт информации на Google, шансите се дека корисникот лесно ќе може да открие кој го бара со едно кратко пребарување на интернет.
Новото копче ја скратува постапката која досега вклучуваше копирање на бројот, па внесување во некој од интернет пребарувачите, па иако не се работи за сложен процес, на овој начин доста се поедноставува и забрзува.
Google Phone апликацијата е достапна за сите Android телефони, иако не сите ја користат стандардно. Повеќето производители имаат сопствена апликација за телефонски повици, но корисниците лесно можат да ја заменат со таа од Google доколку сакаат.