Со оглед на тоа што Google одлучи да веќе не нуди бесплатен неограничен простор за сликите преку Google Photos, логично е дека на друг начин ќе мора да ги привлече корисниците да продолжат да ја користат апликацијата и сервисот.
Тоа од компанијата го прават преку воведување на повеќе функции за измена на сликите и видеата, па иако дел од нив се достапни само за корисниците кои плаќаат дополнителен простор, сепак доста од нив се достапни и за корисниците кои го користат бесплатниот сервис.
Инаку, бесплатно корисниците можат да користат до 15GB, колку што им следува и со креирањето на нова Google сметка, а овој простор е заеднички со нивниот Google Drive. Доколку корисниците имаат доволно слики за да има треба повеќе простор, тие може да доплатат 1,99 долари месечно или 19,99 за цела година, со што просторот за податоци ќе им биде зголемен на 100GB.
Оваа промена на Google Photos официјално ќе почне од ова лето, а Google им даде доволно време на корисниците да се подготват.
Во меѓувреме, Google Photos апликацијата станува многу попривлечна кога се во прашање видеата, односно нивната измена. Корисниците добиваат многу поинтересни можности од досегашните кои во главно овозможуваа кратење на видеата, стабилизација и слично.

Со најновите додатоци, кои треба да бидат пуштени без надградба, корисниците добиваат можност за кратење на делови од видеото, односно „cropping“, како кај сликите, можност за зачувување на конкретен дел од видеото како слика, исправка на хоризонтот, тргање на звукот, а тука се и ефектите од „едиторот“ на слики, како што е промената на светлината, контрастот и слично.
Овие новини постепено се пуштаат за корисниците, овој пат не само за тие кои имаат Pixel уред, па не треба да ги очекувате веднаш.