Google најави неколку новини поврзани со Memories функцијата кај нивната Photos апликација. Овие новини за почеток ќе им бидат достапни на корисниците во САД, по што во наредните неколку месеци ќе станат достапни и во остатокот од светот.
Memories е доста корисна функција кај ваквите апликации која овозможи корисниците да се потсетат на одредени патувања, настани и слично, избрани од огромниот број на слики кои ги имаме денес на нашите уреди.
Новината која ја воведува Google кај Memories поаѓа токму од овој факт, односно огромниот број на слики кои ги имаме на уредите, многу од нив дупликати, со лош квалитет, па дури и слики од екранот.
Вештачката интелигенција сега ќе игра доста поголема улога во изборот на сликите и видеата кои ќе се прикажуваат во Memories, а тоа секако е резултат на развојот и популарноста на генеративната вештачка интелигенција изминатите скоро година дена.
Корисниците ја задржуваат можноста да ги изменат овие „спомени“ според нивните потреби, па ќе можат да тргнат или додадат одредени слики и на крајот да ги зачуваат предлозите за прикажување.
За во иднина Google најави две нови можности кај оваа функција. Едната е помош од вештачката интелигенција за имињата на спомените, а другата е можност за споделување преку порака или на друштвените мрежи како видео.