По стандардната неофицијална најава, Google ја пушти нивната прва бета верзија од Play Games за PC во август минатата година. Апликацијата во основа овозможува играње на Android игрите на компјутер, за почеток во ограничен избор и за мал број на корисници.
Достапноста на апликацијата, која се’ уште е во бета верзија, е проширена во 60 нови земји, па сега вкупната бројка на земји каде може да се инсталира Google Play Games за PC е 120.
Апликацијата се симнува од оваа страна на Google и се инсталира како било која друга апликација, а процесот е скоро ист како инсталација на Chrome. По инсталацијата на апликацијата може да се разгледа изборот од игри и истите да се инсталираат и да се играат од компјутерот.
Google најави уште три други новини, како што е зголемувањето на изборот на игри кои сега се бројат во стотици, а има такви како Cookie Run: Kingdom, Eversoul, Summoners War, Homescapes, Evony: The King’s Return, Call of Dragons и Arknights.
Дополнително, проширена е поддршката за компјутерите, односно карактеристиките кои треба да ги имаат за да може да се играат игрите, а тука е и поддршката за избор на контролите на тастатурата по избор на корисникот.