Можеби кај нас ова не е толку голем фактор, а корисниците во главно комуницираат преку Messenger и Viber, но во САД е доста позната „ситуацијата“ со сини и зелени „меурчиња“, едните преку iMessage протоколот, а другите преку SMS.
Во основа, големиот број на iPhone корисници кои ги има во САД во голем дел ја користат Messages апликацијата од Apple која покрај SMS, кога корисникот е вклучен на интернет го користи iMessage протоколот. Тоа на корисниците им овозможува модерен начин на комуникација, на местото на SMS.
Google истото го направи со промоцијата на RCS протоколот кај Android, кој сега е прифатен од повеќето оператори во светот, па тој често и е нарекуван Android алтернативата на iMessage.
Проблемот настанува кога корисниците на iPhone сакаат да комуницираат со Android корисниците преку Messages апликацијата и се оставени тоа да го прават преку SMS. Наводно во САД тоа е предмет на дискусија и шеги.
Затоа голема беше веста кога Apple најавија дека тие ќе додадат поддршка за RCS протоколот идната година, па оваа комуникација помеѓу корисниците веќе нема да се прави преку SMS, освен кога нема интернет конекција, секако.
Ова најверојатно беше изнудено од страна на законите на ЕУ, како што е случајот со USB-C кај iPhone, но сепак на крајот корисниците добиваат.
Google излезе со коментар, кој секако е позитивен, а еве што тие кажаа за Apple Insider порталот.
„Сите заслужуваат да комуницираат едни со други на начини кои се модерни и безбедни, без разлика каков телефон имаат. Затоа тесно соработувавме со мобилната индустрија за да го забрзаме усвојувањето на RCS и среќни сме што гледаме дека Apple ги презема нивните првиот чекор денес со прифаќањето на RCS. Го поздравуваме учеството на Apple во нашата тековна работа со GSMA за развој на RCS и правење пораки поправедни и побезбедни, и со нетрпение очекуваме да работиме со нив за да го имплементираме ова на iOS на начин кој функционира добро за секого.”
Во најавата на Apple стои дека тие ќе го имплементираат RCS Universal Profile, кој е објавен од GSMA, кој засега нема шифрирање на разговорите. Google додава сопствена технологија во нивната Messages апликација, па сега се очекува дека Apple ќе работи на тоа да основниот стандард ја има оваа заштита.