Преку надградба на Google Play Services, Android корисниците добиваат можност да ја користат Safe Browsing алатката, веќе подолго време достапна за десктоп корисниците. Оваа алатка која што е достапна на Google Chrome за десктоп, ја користат и други прелистувачи, како Firefox на пример. На Android исто така, алатката ќе биде достапна за сите заинтересирани програмери да ја вклучат во нивната апликација.
Во основа, Google Safe Browsing е систем кој што врши скенирање на веб страните кои што ги отвора корисникот и ги споредува со база на податоци на која што активно и сериозно се работи.
Доколку веб страната која што се отвора е означена како страна која што содржи малициозен софтвер, лажни елементи и слично, прелистувачот или апликацијата која што го користи системот нема да дозволи отворање на таа страна.
Дека одредена страна е блокирана се прикажува во форма на посебна страна како известување која што е во црвена боја, а сигурно голем дел од вас ја имаат сретнато на десктоп.
Како што и би очекувале, првата апликација на Android која што ќе има вклучено Safe Browsing е Google Chrome. Почнувајќи од претходната верзија, односно Chrome 46, Safe Browsing ќе биде автоматски вклучен за корисниците.
За да бидете сигурни дека ја имате оваа функција, може да проверите во Settings > Privacy. Safe Browsing функцијата ќе биде чекирана, а доколку сепак не сакате да ја користите, можете да ја исклучите.
Од Google објаснуваат зошто оваа функција не беше веднаш достапна по претставувањето на десктоп. Главната причина за тоа се истакнува мобилниот интернет, кој што често е бавен и вклучува месечно ограничување на сообраќајот. Safe Browsing системот испраќа одредена количина на податоци која што може да влијае негативно на корисничкото искуство.