Google и официјално започна со исклучување на додатоците направени со Manifest V2 и со тоа постепено ќе престане да функционира еден од најпознатите додатоци uBlock Origin.
Кога ќе се земе во предвид дека овој додаток е наменет за блокирање на рекламите и интернет следачите, јасно е зошто Google ги направи промените кои се дел од Manifest V3. Дел од овие промени навистина се потребни и добредојдени, но намалувањето на ефикасноста на блокирачите на реклами, јасно е дека е поради бизнисот на компанијата која во главно живее од тие реклами.
Дел од корисниците почнаа да пријавуваат дека uBlock Origin веќе не е достапен во Chrome Web Store, но тоа се’ уште не е случајот во целиот свет. Исто така, корисниците пријавуваат дека овој додаток автоматски е деактивиран.
Корисниците сепак имаат време до идното лето кога целосно ќе биде спроведена промената, а до тогаш имаа начин како да ги активираат ваквите додатоци и да ги користат.
На долгорочен план, дури и да се користат интернет прелистувачи кои ќе ја задржат поддршката за Manifest V2, сепак овие додатоци нема да функционираат како што е тоа случајот сега.
Колку и да имаме критики кон Google, сепак мора да се признае дека причината за тоа што поголемиот дел од содржината на интернет е бесплатна е поради тоа што веб страните „живеат“ од реклами. Тргањето на можноста за гледање на тие реклами ги намалува приходите на страните, па тие треба или да почнат да наплаќаат за содржината или да затворат.
Факт е дека доста страни поставуваат реклами на премногу позиции, па читањето е скоро невозможно, но јас би предложил тие страни да не се ни отвораат, а да се блокираат истите кај сите.
Доколку и вие ги блокирате рекламите од веб страните, би било добро доколку Смартпортал го додадете на листата на исклучоци.