Можеби не сте запознаени, но Skype за десктоп вклучува функција која што може да се најде како доста корисна во одредени ситуации. На пример, доколку имате пријател или колега, кој што не му иде баш најдобро работата со компјутерите или можеби сакате да покажете нешто од вашиот компјутер, како слики на пример, без истите да ги испратите на контактот со кој што разговарате. Сето ова, како и други слични ситуации, можете да го направите преку можноста за споделување на екранот додека сте на аудио или видео повик со некој од вашите контакти. Споделувањето на екранот функционира на тој начин што контактот со кој што го споделувате го гледа вашиот екран буквално, односно се она што во моментот вие го гледате и го правите, а се работи за споделување во вистинско време, односно не е споделување на моментална слика (screenshot).
Со најновата верзија од Skype за десктоп, односно за Windows и Mac, споделување на екранот можете да правите со повеќе од еден контакт, односно за време на групен аудио или видео повик. Ова е нешто што беше достапно преку платената верзија од Skype и претставува уште една функција која што е направена достапна бесплатно за сите корисници. Во Април оваа година бесплатни за сите корисници станаа групните повици преку овој сервис.
Споделувањето на екранот, без разлика дали се работи за еден контакт или група, се прави со притискање на + знакот за време на повик. Од менито кое што ќе се појави избирате Share Screens и со тоа започнува прикажувањето на вашиот екран на другата страна. Исто така, доколку не сакате да го споделите целиот екран, ја имате можноста за споделување само на еден прозорец, од моментално активните.
Извор: Skype