Можноста за влегување на Apple на пазарот на хардвер и софтвер за следење на фитнес активностите е предмет не интерес и шпекулации веќе одреден период. Уште од претставувањето на М7 ко – процесорот за движења во новиот iPhone 5s се дискутира за можноста Apple да претстават нивно фитнес решение. Како дел од ова решение се очекува да биде и iWatch паметниот часовник кој што исто така е дел од шпекулации. Се разбира од Apple не даваат информации околу можноста за претставување на вакви производи, па останува можноста да ги читаме шпекулациите и неофицијалните информации до кои што доаѓаат одредени портали.
Healthbook е името на апликацијата до која што има дојдено порталот 9to5mac, која што се очекува да биде претставена заедно со наредната верзија од мобилниот оперативен систем, iOS 8, како и iPhone 6 и очекуваниот iWatch. Информациите се разбира не се официјални, па за докажување на нивната точност не останува ништо друго освен да причекаме до официјалното претставување на наредните производи од Apple.
Од сликите кои што се направени врз основа на наводни screenshot-ови од вистинската апликација може да се види дека истата е направена во стил на карти, односно секоја посебна категорија на информации е поставена на посебна карта со посебна боја. Картите се наредени една позади друга и може да се каже дека потсетуваат на наредени медицински картони во архивата во амбулантите.
Апликацијата ќе ги има основните и веќе познати фитнес функционалности, односно можноста за следење на активности, тежина и исхрана. Овие три функции се познати и веќе подолго време достапни од разни апликации кои што корисниците активно ги користат. Делот за активности ќе ги следи физичките активности на корисникот, како одење, трчање, планинарење и слично и ќе прикажува информации поврзани со нив, односно потрошените калории, изминатата оддалеченост, поминатото време, направените чекори. Во делот за исхрана корисниците ќе може да ги внесуваат своите дневни оброци и со тоа да го следат внесот на калории во текот на денот. Во комбинација со активностите и внесот за тежина, корисниците ќе може да ја користат апликацијата за следење на нивната диета и начин на живот. Апликацијата исто така ќе прикажува информации на корисникот кои што произлегуваат од внесените информации од негова страна, па така корисникот ќе може да го следи својот BMI индекс.
Овие функции се само мал дел веќе виден во други апликации, а она што ја прави оваа апликација навистина интересна и ќе ја издвои од другите апликации се можноста за следење на другите информации како, крвна состојба, крвен притисок, пулс, заситеноста на крвта со кислород, следење на шеќерот во крвта, хидратацијата и стапката на дишење, како и функција за следење на спиењето. Повеќе информации за тоа како ќе бидат собирани информациите за овие функции на апликацијата не се достапни. Се верува дека одредени информации ќе бидат прибирани преку соодветен хардвер, додека други ќе бидат внесувани рачно од страна на корисникот, а апликацијата ќе биде едно централно место за следење на генералното здравје на корисникот.
Што и да испадне може да се очекува дека Apple како и секогаш ќе претстави производ кој што на доста корисници ќе им личи на веќе виден и достапен во други апликации и производи, меѓутоа направен со вниманието за детали и функционалност по кои што се познати.
Извор: 9to5mac