Ignore No More е апликација наменета за родителите кои што имаат проблем да стапат во контакт со своите деца. Најчесто кога ги бараат тие не одговараат на повикот, а прашање е дали и кога ќе се јават да проверат зошто ги барале. Апликацијата функционира доста едноставно и потребно е еднаш да креирате корисничка сметка, која што потоа можете да ја користите на повеќе уреди.
Кога ќе се јавите кај вашето дете, а тоа нема да ви крене и нема да се јави за кратко време, преку Ignore No More можете да ги заклучите сите функции на неговиот телефон, па единствен начин тие да бидат повторно достапни е да ви се јави. Апликацијата се инсталира како на телефонот на родителите, така и на детето или децата. Апликацијата е заштитена со лозинка, па децата нема да можат да ја променат или исклучат, меѓутоа не сме сигурни како истата е заштитена од едноставно бришење. Преку едноставен процес на прилагодување на апликацијата, ги додавате телефоните на децата, кај нив креирате листа на броеви кои што ќе можат да ги побараат за отклучување на телефонот и апликацијата е спремна за користење.
Се разбира во денешно време кога децата од многу рана возраст веќе ја разбираат технологијата, оваа апликација не ви нуди сигурно решение за вашиот проблем. Децата секогаш можат да го ресетираат својот телефон или да инсталираат нов софтвер и апликацијата да биде избришана.
Апликацијата моментално е достапна само за корисниците на Android и може да се симне преку продавницата за апликации и чини 2 долари по уред.
Дали се соочувате со ваков проблем со вашите деца и дали оваа апликација е нешто што би сакале да го пробате ?
Извор: Engadget, DigitalTrends, IgnoreNoMore