По воведувањето на слична функција на почетокот од годината за коментарите кои се оставаат на објавите, сега Instagram ќе почне со проценка на насловите на сликите и видеата кои корисниците ги објавуваат и известување доколку смета дека тие може да бидат навредливи.
Системот работи со помош на посебно развиен алгоритам, односно машинско учење, кое автоматски ги проверува насловите на објавите, па доколку насловот којшто се објавува од корисникот се препознае како можно навредлив, корисникот ќе биде известен.
Известувањето ќе го информира корисникот дека тој вид на наслов во други ситуации бил пријавен од страна на други корисници, па корисникот може да избере да го промени. Доколку не сака да го промени, објавата ќе може да биде објавена на оригиналниот начин.

Според Instagram на овој начин корисниците ќе добијат подобра претстава што не е дозволено на нивната мрежа и што може да ја доведе до ризик нивната сметка, односно ризик да биде блокирана, па дури и избришана.
Секогаш е чудно кога ќе се воведат вакви правила на друштвените мрежи, а посебно кога системот зема во предвид што е тоа што другите корисници го пријавиле. Познато е дека голем дел од корисниците пријавуваат нешто не поради тоа што е навредливо, туку поради тоа што на нив не им се допаѓа или личноста која го има објавено не им се допаѓа, па голем дел од пријавите, иако не сите, слободно може да се каже дека се лажни.
Оваа функција е пуштена во ограничен број на земји, по што ќе биде пуштена за сите корисници во месеците што следат.