Instagram со својата најнова верзија, која постепено се пушта кај корисниците, ја добива една од поголеми надградби изминатиот период. Скоро сите делови од апликацијата имаат нешто ново или изменето за подобро корисничко искуство.
Подобрувања и новини добиваат објавата на слики, објавата на повеќе слики, објавата на Reels и Stories, па може да се каже дека целата апликација е подобрена, без промена на изгледот, односно во овој случај не се работи за редизајн.
Посебно би го истакнал додавањето на 20тина нови филтри кои се достапни при објавата на слики. Овие филтри не се ажурирани одамна, па добредојдена е можноста за нов избор за корисниците.
Како што истакнуваат од компанијата, новите филтри овозможуваат од суптилна промена на боите, до поголема промена на стилови, а сите филтри овозможуваат и избор на нивото до кое ќе бидат додадени.
Овој дел добива и поедноставување, односно корисниците сега треба полесно да ги најдат сликите кои сакаат да ги објават, како и алатките при нивната објава, без разлика дали се работи за објава на една или повеќе слики.
Instagram секако посебно внимание посветува на Reels делот, каде корисниците сега добиваат нови можности како сечење на видеата, измена на нивната големина, ротирање и слично. Новина е и можноста да се вратат одредени направени промени, што доста го подобрува искуството при правањето на овие видеа.
Со помош на вештачката интелигенција, корисниците добиваат можност за креирање на стикери од нивните слики, нешто што е актуелно кај повеќе сервиси и системи изминатиот период.
Дополнително, додадени се и нови фонтови, како и 10 нови гласови за читање на текст на англиски.
Надградбата на апликацијата веќе е пуштена, но како и секогаш, сите корисниците ќе ги добијат новите функции постепено во периодот што следи.