Наместо да го барате некој корисник по име, па тоа не секогаш веднаш успева, посебно кога се работи за личност која само што сте ја запознале, друштвените мрежи обично користат различни видови на кодови кои можат да бидат скенирани од другиот мобилен и на тој начин да им биде прикажан директно профилот.

Ова е одличен начин за додавање некого на друштвените мрежи, а Instagram веќе ја имаше таа можност преку нивните таканаречени ознаки со име, односно „nametag“. Во менито од Instagram корисниците можеа да притиснат на Nametag копчето, по што ќе им се прикаже посебна „слика“, па доколку друг корисник ја скенира со својата камера преку Instagram апликацијата, ќе му биде прикажан профилот.

Сепак, секогаш е подобро кога се користи универзално решение поради достапноста и едноставноста. QR кодовите одамна веќе се користат за повеќе намени, а и повеќето камери имаат можност да ги скенираат и да ја прикажат вградената информација.

Instagram на местото на Nametag почна да ги користи познатите и универзални QR кодови, па сега е многу поедноставно да се сподели сопствениот профил. Функцијата се наоѓа на истото место и функционира исто, а главната разлика која сега ќе ја имаат корисниците е што другата страна веќе не мора да ја отвара Instagram апликацијата за да може да го скенира кодот.

Друга поголема предност на оваа одлука од Instagram е што поради популарноста на QR кодовите, бизнисите сега ќе може да почнат да ги поставуваат своите кодови на повеќе места, како на пример на менијата во рестораните, па корисниците лесно ќе можат да препознаат за што се работи и да го скенираат кодот за да го отворат профилот на тој бизнис.

Оваа функција прво беше пуштена во Јапонија како тест, а сега им е достапна на сите корисници во остатокот од светот.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаNetflix тестира гледање на содржина по случаен избор
Следна статијаGoogle Maps добива подобри бои за повеќе детали на мапите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.