Microsoft Edge е новиот прелистувач од компанијата кој што доаѓа како стандарден со Windows 10, а слободно може да се каже дека ретко кој корисник нема слушнато за него.
Беше претставен како целосно преработен прелистувач кој што треба да го замени Internet Explorer за обичните корисници. Тестовите и првите импресии покажуваат дека навистина се работи за одличен прелистувач кој што е компатибилен со новите интернет технологии.
Сепак, ова не значи и дека овој прелистувач успешно се проби кај корисниците. Тој може да се каже дека беше пуштен предвреме, односно пред сите најавени функции да бидат воведени. Поради тоа на Edge му фалат доста функции веќе одамна користени на другите прелистувачи, а главната е можноста за додатоци.
Поддршката за додатоци беше најавена за оваа година, меѓутоа иако крајот на годината се ближи, нема нови најави до каде е со работата.
Покрај поддршката за додатоци, на прелистувачот му фалат и додатни функции поврзани со неговата работа, прилагодување и слично. Може да се каже дека и фактот што е направен како универзална апликација, наместо како обична Windows апликација, сега за сега се покажа како основа за проблеми.
Според компанијата Quantcast, Microsoft Edge е користен од страна на 12% од американските корисници на Windows 10. Овој процент е пад од 4% од август, кога беше постигнат и максималниот удел од 16%.
Првото место од прелистувачите го држи кој друг ако не Google Chrome. Овој прелистувач има удел од 71%, додека исто така популарниот и одличниот Firefox има само нешто повеќе од Edge.
Развојот на Edge може да се каже дека е во почетоците, па сепак би требало да се очекува раст на неговиот удел. По воведувањето на поддршката за додатоци, сигурно голем број на корисници веднаш би решиле да се вратат или за првпат да почнат да го користат прелистувачот.
Со информациите од корисниците, сигурно ќе се средат и дополнителните проблеми, како работата со омилените страни и нивна можноста за преземање од други прелистувачи, синхронизацијата на статиите за читање подоцна со мобилните уреди и слично.