Windows Phone платформата се` уште се развива, но веќе има повеќе од 300 илјади апликации, а заедно со универзалните, Windows Store веќе се над 500 илјади. Иако е се` уште во „детската“ фаза на развитокот, постојат многу апликации особено од сферата на продуктивноста кои ги задоволуваат потребите на корисниците.
Една од нив е Maestro – апликација-клиент за прегледување на електронска пошта. Maestro беше најавена пред подолго време, но конечно сме сведоци на нејзината верзија 1.0. Во оваа верзија може да се каже дека е скоро целосно зрела апликација која ги покрива повеќето потреби кои би ги имале од мобилен прегледувач на електронска пошта.
Дизајнот е чист, типичен за Windows 10 и е навистина пријатен за очи. Maestro работи брзо и како што би очекувале под команда на вашите прсти. Оваа верзија ги поддржува следниве опции:
- Графички теми зависни од различната сметка за е-пошта
- поддршка за Windows Phone 8.1 и понови
- гестикулации кои овозможуваат директно извршување команди (на пр.бришење, одговор, архивирање)
- гласовни команди
- означување фаворити
- паралелно користење на повеќе сметки со поглед на комбинирано сандаче од сите
- брзо префрлање од една на друга сметка
- поддршка за GMail, Outlook и Yahoo! Mail
- поддршка за насловите во GMail.
Развивачите Hidden Pineapple ветуваат многу подобрувања за во иднина, меѓу кои се наоѓаат нови гестикулации, водење разговори меѓу испраќачите и примачите на пораките, и секако неизбежните поправки на грешки во кодот.
Инаку, во првите 24 часа од лансирањето на апликацијата има(ше) можност да ја симнете Maestro и да ја имате засекогаш бесплатна. Нејзината регуларна цена е 1,99 долари, што ќе се согласиме дека воопшто не е цена која ќе ве лиши од земските задоволства, а Maestro може значително да ви помогне при прегледување е-пошта.
Maestro вреди за вашето внимание и можете да ја симнете во Windows Store.