Познатите Malwarebytes претставија нова верзија од нивната апликација за безбедност на компјутерите, Malwarebytes 5. Истата е прва поголема надградба после подолго време, па повеќето корисници ќе ја сметаат за добредојдена.
Корисниците на сите платформи каде досега беше достапна апликацијата можат да ја симнат новата, но ќе треба малку време додека истата им биде достапна на сите преку автоматска надградба. Исто така, корисниците на VPN апликацијата, ќе треба да ја избришат истата за да можат да ја инсталираат Malwarebytes 5 во која сега е вграден VPN сервисот.
Главната разлика која ја донесува новата верзија сепак е поврзана повеќе со корисничкиот интерфејс кој сега е целосно редизајниран. Во позадина, технологијата останува иста, но тоа не е лошо со оглед на високите оценки кои редовно ги добива.
Новиот кориснички интерфејс е делумно поедноставен и на главната страна ги дава основните информации за заштитата на компјутерот. Новина е додавањето на VPN картичка, како и „Trusted Advisor“, дел кој ја сумира состојбата на компјутерот.
Втората поголема новина е што VPN сервисот сега е интегриран во Malwarebytes 5, па корисниците нема потреба да ја користат посебната апликација.
Достапноста на бесплатна верзија останува, како и другите платени пакети од кои можат корисниците да изберат.