Можеби веќе и поевтините смартфони не се толку слаби како порано, а и интернет ограничувањето и брзината се доста поголеми, но сепак апликации како Messenger Lite се популарни кај дел од корисниците.
Овие апликации доаѓаат со доста помал код, па со тоа и поедноставна апликација и функции, а и трошат помалку од интернетот на корисникот.
Meta сепак смета дека веќе нема потреба да одржува ваква апликација, кога е во прашање Messenger, па истата веќе е тргната од Play Store, а корисниците пријавуваат дека добиваат известување кое не можат да го тргнат, дека треба да се префрлат на Facebook Lite апликацијата.
Секако, тука е можноста корисниците да ја користат „главната“ Messenger апликација која не е толку сложена како што беше едно време. Сигурни сме дека оваа апликација функционира без проблеми на било кој од уредите на корисниците.
Meta од идниот месец ќе ја тргне и SMS функцијата од главната Messenger апликација, а во време на Google Messages и Samsung Messages, меѓу другите, веруваме дека никој скоро и не ја користи оваа апликација, освен за комуникација со своите Facebook пријатели.
Messenger Lite беше претставена во 2016 година, а јасно е дека пазарот е доста променет од тогаш.