Meta најави две нови функции кои ќе станат дел од нивната апликација WhatsApp за сите корисници на Android и iOS верзијата во неделите што следат. Новите функции се поврзани со групните разговори во апликацијата, нешто на кое од компанијата му даваат посебно значење, а тоа може да се види од претставувањето на „Заедниците“, па наваму.
Администраторите на групи ја добиваат можноста да контролираат кој може да се приклучи во групите, а кој не. Ова е корисно кога е испратен линк кој води до групата или кога групата е наместена да може да прима нови корисници од иста заедница. Администраторите ќе го одобруваат или одбиваат приклучувањето на корисниците, а со тоа ќе имаат подобра контрола кој ќе има пристап до групните разговори.
Покрај оваа новина за администраторите на групите, корисниците добиваат можност да видат кои заеднички групи ги имаат со своите контакти. Со пребарување на некој контакт, во резултатите сега ќе бидат прикажани и заедничките групи со тој контакт.
Уште една новина беше најавена поврзана со групите на почетокот од месецот, а тоа е поставување на рок на траење на групите, по што се добива известување да се избрише групата или да се излезе од истата доколку не се работи за администратор.