Како што се очекуваше и најавуваше, со оглед на „протечените“ верзии достапни од повеќе страни, Microsoft ја пушти првата официјална верзија од новиот Edge, направен на основа на отворениот Chromium код.
Првата верзија е во главно наменета за програмерите, односно е претставена во два од четири канали на достапност на Chromium прелистувачите.
Финалната верзија секако е уште далеку од претставување, па не е ни поставена како избор, но не е достапна се’ уште ни beta верзија, поради што и Edge сега се смета за препорачан за програмерите.
Достапни за симнување се Dev и Canary каналот, за кои е нагласено дека се ажурираат секоја недела, односно секој ден.
Без разлика, сите заинтересирани можат да го инсталираат Edge, а секако ја препорачуваме Dev верзијата, која е многу поблиску до beta.

За да го инсталирате Edge потребно е да ја отворите оваа страна и да го симнете како и било која друга апликација.
Инаку, иако Edge е далеку од готов, сепак уште сега може да се види како тој ќе изгледа и функционира.
За разлика од првите неофицијални слики, сепак сега Edge изгледа повеќе како претходната верзија, отколку како Chromium.
Microsoft целосно ја има променето страната за прилагодувања, но и повеќето сервиси кои доаѓаат со Chromium, а се поврзани со Google. Очекувано, Edge, иако работи на Chromium, е направен да работи и се поврзува со сервисите и серверите од Microsoft.
Од вчера ние го користиме овој нов прелистувач, па иако се работи за прва и тест верзија, скоро и да не наидовме на багови и проблеми, иако има неколку „ситници“.
Иако Microsoft има направено посебна, своја продавница за додатоци, со вклучување на една опција во Extensions делот, може да се инсталираат додатоците од Chrome Web Store.