Првпат ја забележавме во тест верзиите од Edge пред една година, а сега официјално им станува достапна на корисниците можноста да додаваат екстензии кај мобилната верзија од овој прелистувач.
Оваа новина очекувано е достапна за Android верзијата од Microsoft Edge, а не ми се верува дека може да се очекува и на iOS, барем не наскоро.
Со ова Microsoft Edge се приклучува на Mozilla Firefox, прелистувач кој повторно доби поддршка за екстензии во 2023 година откако беа откажани неколку години. Дел од помалите прелистувачи нудат ваква можност, но во главно истата беше доста време избегнувана од страна на поголемите.
Како што би се очекувало, не сите екстензии кои се достапни на десктоп верзијата може да се очекуваат на мобилната, а бројката за почеток е и доста мала. Сепак, корисниците со ова добиваат можност да го прилагодат својот прелистувач, а дел од познатите екстензии веќе се достапни.
Microsoft оваа новина сѐ уште ја означува како „бета“, што значи дека може да се очекува подобрување на истата, а посебно кога е во прашање изборот на екстензии.
Според информации, екстензиите се достапни со најновата верзија од прелистувачот.