По најавата дека Microsoft Edge ќе продлжи да биде развиван на основа на отворениот Chromium код, стана јасно, а и Microsoft најави, дека овој прелистувач ќе биде достапен на повеќе платформи.
Моментално Edge е достапен на Windows 10 и тоа поврзан директно со системот, како и на Android и iOS.
Новата верзија од Edge ќе биде издвоена од Windows 10 и ќе може да се ажурира независно од оперативниот систем, како и секоја друга апликација.
Прелистувачот веќе е најавено дека ќе биде достапен на macOS, а најверојатно ќе бидат достапни и верзии за постарите верзии од Windows.
Chromium како проект, а и Google Chrome, се достапни на Linux, па се поставува прашањето дали Microsoft планираат да го овозможат Edge на сите платформи каде што се достапни Chromium прелистувачите.

Иако моментално нема официјална информација за ова, во прилагодувањата на новиот Edge може да се види „знак“ дека вакво нешто е возможно.
Поточно, како што откриваат од gHacks, во прилагодувањата кои се достапни преку „edge://flags“, покрај другите платформи, стои и Linux.
Microsoft последните години покажува дека веќе нема проблем со Linux, како и останатата заедница на отворен код. Донесувањето на Edge на Linux ќе значи поголема достапност на прелистувачот, а тоа е нешто што и е потребно на компанијата, а посебно кога ќе се земе ви предвид дека голем дел од програмерите користат некоја од Linux дистрибуциите.